dobri.jovevski@gmail.com +38 975 258 997
Comment are off

Збунувачки, неразбирливи зборови, нејасни содржини, погрешни факти: македонските учебници се слика на општеството

И наставниците и учениците и нивните родители сакаат да користат квалитетни учебници, но за жал нашето образование се соочува токму со спротивното. Книгите од кои учат младите, оние што ги има, и визуелно и содржински како да се во склад со сè друго во општествово: искинати, валкани, со на места лажни податоци и несоодветни лекции… Оние книги што ги нема учениците ги фотокопираат со намален фонт на буквите, а резултатот е црно-бели страници со кои треба да се дружат секојдневно. Повиканите за квалитетен образовен систем ветуваат ревизија, но таа како да се случува пребавно.

Додека низ европските држави дневните семејни соби како по правило имаат резервирано простор за домашна библиотека, каде што книгите внимателно се складираат, чуваат и надополнуваат, во македонското општество книгите и искористените учебници се ставаат во кеси под кревет, на таван или во подрум, а неретко завршуваат и како материјал за потпалување оган или во отпад. Одговорни за ваквиот однос кон книгите и учебниците се многумина!

„Првата задача на образовниот систем е да изгради култура и однос кон книгата и знаењето. Ако тука промашите, сè натаму оди погрешно. Е, тука е промашено многу одамна во нашата држава. Нема учебници, искинати и валкани книги, неупотребливи, стари, фотокопирање и немање однос кон авторски права. Сега само ги трпиме и секојдневно ги доживуваме последиците од односот кон знаењето. Три клучни столба на добрите образовни системи се наставниците, наставните планови и програми и учебниците (книгите)“, вели универзитетскиот професор Кирил Барбареев.

Има многу примери од учебниците што не соодветствуваат со наставните програми, но и воопшто не се соодветни за образовниот процес за одредена категорија и возраст на деца.

„Новите или ревидирани учебници треба да имаат поврзаност и да се ревидираат паралелно со наставните планови и програми и новите начини на работа. За жал, кај нас тоа не е случај. Сè оди посебно, без доследни образовни политики. Од волунтаризам до најширока импровизација. И затоа сме таму каде што сме“, смета Барбареев.

Тој вели дека најдобро е во периодот кога нема настава во училиштата, кога се зимските и летните распусти, да се пристапи кон средби, состаноци, работилници, сите во системот, и училиштата и МОН и факултетите, и да работат на недоследностите и проблемите во системот.

„Патот е тој. Образовниот систем е жив организам, во системот се вклучени 300.000 ученици, 30.000 наставници, 1.000 училишта. Системот бара постојани подобрувања во тек“, дециден е Барбареев, кој е еден од најгласните во земјава кога станува збор за унапредување на македонскиот образовен систем.

Одделенскиот наставник Добри Јовевски ги пренесува размислувањата на колегите дека во минатото учебниците биле многу добри, но не се согласува целосно со овој став.

„Основата на квалитетното образование сепак доаѓа од наставните планови и програми по кои ние наставниците ги креираме нашите активности за реализирање на поставените цели во програмите. Навраќајќи се наназад во годините, во комуникација со колегите, често коментираме дека порано учебниците беа многу добри. Да, така беше, бидејќи тогаш тој ресурс беше најкористен и временски најмногу им одговарал на условите, средината и информациите со кои сме располагале. Како што одминува времето, со новите трендови на учење и поучување, има неминовна потреба од ‘апдејтувани’ учебници. Тоа значи дека содржините во учебниците треба да се во чекор со времето и опкружувањето во кое живееме и, се разбира, менталитетот на луѓето“, смета Јовевски.

Тој како пример ја посочува темата по македонски јазик „Медиумска култура“ од прво до петто одделение, каде што меѓу другите содржини се изучуваат и радиоемисиите.

„Се сомневаме дали воопшто некој ги слуша овие емисии. Во овој дел би било многу подобро да ги има во програмата, како цел медиумската писменост, која е неопходна за комуникација со светот и има огромно влијание врз когнитивниот развој на децата. Како пример би ја зел и содржината каде што се користи телефонска говорница и нејзината улога. Ова може да биде само во информативна функција, но и не во корисна бидејќи во денешно време децата не можат да сретнат таков тип на говорници во своето опкружување“, вели Јовевски.

Учениците, пак, иако во недоволна мера свесни за значењето на квалитетните учебници, велат дека лекциите често имаат збунувачки тек, има зборови што не ги разбираат, реченици што поради преводот го загубиле контекстот, содржини што се нејасни, па и погрешни факти, па затоа го одбираат полесниот начин да учат „на памет“.

Од Сојузот на средношколците велат дека проблем се и застарените и погрешни факти и информации во наставниот материјал.

„Учебниците што се користат во гимназиското образование се одобрени за користење во периодот од 2001 до 2006 година, што значи дека во последните петнаесетина години не се направени никакви корекции и измени во нив. Голем број од учебниците што се користат во средното образование содржат застарени информации и факти, каде што се опишани методи што сега не се користат во науката“, вели Клементина Аврамовиќ, заменик-претседателка на Сојузот на средношколци, потенцирајќи дека многу им е важно да се направи ревизија на учебниците за да се поправат сите грешки што ги има во нив.

„Сакаме да имаме учебници каде што нема дискриминација по никаква основа и кои ќе бидат поприспособени на потребите на модерните генерации“, вели Аврамовиќ.

Надлежните се на потег веќе подолго време. Обврската за ревизија на учебниците е пропишана и во Програмата на Владата 2017 – 2020, во која се вели дека во рок од една година државни комисии составени од универзитетски професори и поддржани од Министерството за образование и наука, ќе ги евалуираат сите учебници за основно и за средно образование и ќе постават јасни правила што мора да се почитуваат. Но во практиката, во 2018 година беа коригирани и испечатени само 22 учебници за основното образование, а минатата година од предвидените 13 се целосно ревидирани, додека останатите 27 сè уште се во постапка на ревизија.

Од МОН велат, согласно со ревизијата на приоритетните учебници за средношколците што се одобрени во периодот од 2001 до 2006, а сè уште се користат, во моментов во постапка на печатење се 70 учебници за средно образование.

„Во тек е постапка за склучување на два поединечни договори за печатење на 89 учебници за средно образование и во тек е постапка на одобрување се учебниците за прва година средно стручно образование, кои по одобрување и откупување на материјалните авторски права ќе бидат дадени во постапката за превод, печатење и техничко уредување“, појаснуваат од МОН.

Но, со оглед дека политиката и пречестите предизборни и изборни процеси како да навлегоа во секоја општествена пора и целиот акцент е ставен нврз нив, за учебниците од кои зависи образованието на сегашните и идни генерации остануваат сѐ помалку време и ресурси. Но, да не заборавиме, не залудно Џон Ф. Кенеди  рекол.  „Погрешно образованото дете е изгубено дете.”

Превземен од МКД.мк, Автор н атекстот е  Х.С.

About the Author
The most important part of my professional work is trying to encourage the natural desire for learning in students. We use both traditional and innovative approaches in order to encourage that desire so that students will go on to effectively and efficiently master the skills needed for the 21st century workplace.