Моќта на учителската професија
02/04/2015Информациско комуникациската технологија да ја користиме за подучување на учениците, професионално се развиваме и да делувам инспиративно во процесот на едукација
16/01/2018Во шарената училница на ОУ„Илинден“ во Крива Паланка учат втородделенците на учителот Добре Јовевски. На ѕидовите има цртежи, учениците учат букви правејќи ги од пластелин, за полесно да се снајдат со геометриските фигури ги изработуваат од хартија. И сите дидактички помагала што може да им се најдат на учениците од помош во наставата, стојат на дофат на рака, за да бидат употребени.
Ова е од голема важност, објаснува Јовевски, кој причината за лошите резултати на македонските основци за јазична и математичка писменост, ги гледа во немотивираноста на наставниците за предавање, и на учениците за учење.
„Нема жар во нивните очи дека ќе одат во училиште и дека нешто ќе научат. Многу реформи се случија за краток временски период, и некако и ние како наставници како да не бевме спремни да го прифатиме тоа. Се воведе деветолетка, па имаше прескокнување на одделение, од прво во трето, потоа се наметна екстерно тестирање, па интерна евалуација на наставниците, проверки во училиштата. Сето тоа дава една голема слика која ја прифативме неспремни за сето она што ни се случуваше во краток период од неколку години“, вели Јовески.
Смета дека наставниците беа неподготвени за брзите промени во основното образование. Деветолетката донесе нови предизвици, а воведувањето на новите програми предизвика неусогласенот на предметите, што пак се покажа и на тестовите за јазична и математичка писменост.
„Мора да има ускладеност помеѓу предметите. Ако почнуваме прво одделение, по математика веднаш се бара да се пишуваат бројки, а по македонски јазик имаме само препознавање букви, и немаме развиена моторика за пишување. Дури во второ одделение се пишуваат буквите, се учат зборчиња. Како еден ученик би напишал некој резултат, кога ние се уште не работиме пишување букви? Ускладеност мора да има и меѓу предметите, англиски и македонски јазик. Ние по македонски јазик учиме кирилични букви во второ одделение, а истовремено по англиски се учат буквите латиница. Па ние во малите детски мозочиња правиме една забуна“, загрижен е Јовевски.
Јазична и метаматичка писменост далеку под европскиот просек
Викторија Димитровска, од фондацијата „Чекор по чекор“ објаснува дека истражувањето за раната јазична и математичка писменост спроведено од нивната фондација, ги извадило на виделина пропустите на образовниот систем. Ланското истражување, направено во сите 340 училишта во Македонија, меѓу ученици во почетните одделенија, покажа дека учениците не знаат течно да читаат, па оттука и не го разбираат прочитаното.
Европскиот просек не е достигнат ниту на еден од јазиците опфатени со истражувањето – македонски, албански и турски. Учениците умеат да одговорат фактографски на прашањето, но сериозен проблем е критичката опсервација на текстот.
„Мора да се смени нешто во наставната програма, ние би сакале описменувањето да почне порано, уште во прво одделение, да не се губи, затоа што колку порано почне, толку подобри резултати се добиваат. Секое задоцнување понатаму се одразува на начинот на кој децата учат. Така, ако едно дете не стане писмено до крајот на трето, максимум четврто одделение, нема да може да ја следи предметната настава, затоа што со читање ќе треба да ги учи останатите предмети. “, вели Димитровска.
Истражувањето даде поразителни резултатите и по математика, кои укажуваат на проблем во усвојување на основните математички операции. По воведувањето на „Кембриџ“, вели Димитровска, подобрени се резултатите кај низите за броеви, но не и во собирање и одземање.
„Знаеме дека математика се учи со вежбање. Ние ги проверуваме за основните операции, собирање и одземање, а според наставниците, на часот времето е прекратко да ги извежбаат сите содржини предвидени да се поминат во текот на годината. Затоа, повеќе внимание и часови треба да се обратат на вежбање, а не само на совладување нови содржини“, децидна е таа.
И Љуљзим Адеми, кој е раководител на Институтот за одделенска настава на Педагошкиот факултет во Скопје, е свесен за јазичната и математичка неписменост на македонските основци. Решението пак, го наоѓа во креативноста на наставниците и поврзување на содржините.
„За да се надмине овој проблем и нашите ученици да почнат да се приближуваат кон постигањата на учениците треба нашите одделенски професори да употребуваат разни техники со кои ќе ги анимираат сите ученици. Тоа најдобро се прави преку игра која во моментот скоро целосно е изземена од денешната настава. Исто така, каде што има можност да се прави интеграција на наставни содржини одделенските наставници, да пристапат и кон тоа“, смета Адеми.
Образовна стратегија без приоритети
Иако Владата како свој приоритет најави дека во фокусот ќе бидат јазичните и математичките вештини на учениците, во новата стратегија чие носење е во тек, ниту еднаш не се споменува математичката и јазична писменост, ниту критичкото размислување.
„Образованието е комплексен проблем, но сите држави кои постигнале добри резултати како Финска, Естонија, Ирска, имаат стратегии кои се базираат на одредени приоритети и се работи на тие приоритети. Не може приоритет да ни биде сè во образованието, бидејќи не може сè да се смени одеднаш, Но, математичката и јазичната писменост се основа за било што друго кое сакаме да го менуваме, и ако нашето образование образува неписмени ученици тоа е еден голем проблем за образовниот систем“, вели Димитровска.
И Адеми се повикува државата сериозно да почне со решавање на проблемот. За отсуството на сериозен пристап кон образованието, тој се осврнува и на програмата што се спроведува на педагошките факултети, а која, се чини, тешко ги следи брзите реформи во наставата.
„Досегашното искуство укажува на тоа дека во сите реформи многу малку се инволвирани високо образовните институции кои продуцираат кадар за таа потреба, и наместо тие со своето искуство да бидат носители на тие промени, напротив, не учествуваат ниту во еден дел. Како пример може да ви наведам дека Педагошкиот факултет ја акредитираше постоечката програма во 2013 година, а „Кембриџ“ програмите беа усвоени веднаш по таа акредитација и тие измени не беа вклучени во нашите предметни програми. Што значи, од старт, кадарот се обучува за нешто што нема да може да го примени во практиката“, вели Адеми.
Дополнително, забележува, за квалитетно образование се потребни се мотивирани наставници. А нив ги има се помалку.
„Исто така мотивираноста на наставниот кадар е многу мала, се соочуваат со разни контроли и постојано им се укажува на казни, а никаде не се нагласува можноста за пофалба и награда на сите тие што заслужуваат. Конечно треба да профункционира кариерниот развој на наставниот кадар и да им се подобрат условите за работа, да им се обезбедува потребниот дидактички материјал и да се мотивираат да создаваат такви материјали кои ќе бидат во функција на наставата“, објаснува Адеми.
Наставникот Јовевски гледа дека отсуствува мотивацијата кај наставниците. И во делот на платите и во делот на институционална поддршка. Низ смеа забележува дека во школо наместо да ги посетуваат советниците на Бирото за образование, кои треба да им помогнат со техниките на предавање, редовно ги посетуваат само инспекторите кои проверуваат и казнуваат ако материјалот не е предаден по наставниот план и програма.
„Треба наставникот да има поголема плата и да биде материјално поткрепен за да има поголема мотивираност. Имаме премногу бирократија, на сметка на посветеноста на учење“, заклучува учителот.
Јасмина Јакимова
*Текстот е напишан во склоп на проектот „На час“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.