Добрите учители ги учат учениците дека се важни и можат да прават промени
20/06/2019Збунувачки, неразбирливи зборови, нејасни содржини, погрешни факти: македонските учебници се слика на општеството
02/02/2020Клучно е подобрувањето на положбата на наставникот во општеството и образовни реформи со кои учениците нема да бидат роботи туку луѓе со емпатија и сопствена слобода.
Резултатите од меѓународните оценувања на нашето образование се песимистички. Според ПИСА, ПИРЛС и ТИМСС нашиот образовен систем не обезбедува квалитетно образование за сите деца. Резултатите не само што се слаби, туку квалитетот на образовнието опаѓа, за што и не треба потврда од релевантни фактори. Самите ученици и наставници се свесни дека нешто „не оди“!
Имаме демотивирани ученици кои самите признаваат дека во училиште одат со сила и кои секој момент ќе го искористат за смарт телефон наместо книга, наспроти желни за нови знаења и ревносни по нов вистини млади лица кои треба да се изградат во корисни членови на заедницата. Тие ученици имаат родители, од кои дел се загрижени за нивото на квалитет на образование во земјава, додека друг значителен дел, се помирени со фактот дека, како што велат, и образованието како и се друго во општеството е девалвирано. Наставниците кои со огромен удел се инволвирани во квалитетот на просветната област, пак, се демотивирани од платите, недостигот на ресурси, несоодветните образовни мерки и политики кои се во рацете на надлежните…Како демотивираноста да го довела во летаргија македонското образование!
Фондот за деца при Обединетите нации чија цел, меѓу другото е достапно образование за сите деца ширум светот се води од идејата дека образованието го менува животот на сите луѓе, отворајќи можности и потенцијали за развој и промена.
„Иако е важно, едноставното праќање на децата во училиште не е доволно. На децата им треба квалитетно образование кое ќе им помогне целосно да го искористат својот потенцијал и да ги зголемат шансите да станат среќни, здрави, успешни и корисни членови на општеството. На децата им треба квалитетно образование што ќе им помогне да се развијат во учтиви, самоуверени, критични и добро интегрирани суштества во оштеството. Најмногу од сè, на децата им треба квалитетно образование што ќе биде лесно пристапно за сите“, е премисата на УНИЦЕФ според која се водат на глобално ниво.
Наспроти квалитетните и продуктивни образовни политики кои декларативно се присутни ние како земја се соочуваме со слаби резултати и „летаргична слика“ во образовните простории. Тоа е така затоа што образовните политики не се потпираат на податоци и факти, наставните програми не се надградуваат според најновите истражувања и достигнувања во науката и многу често лошо се спроведуваат, сметаат голем дел од експерите од оваа област.
Ниската мотивираност на наставниците, исто така, спаѓа во факторите кои сериозно придонесуваат кон нискиот квалитет на образованието.
Наставникот Добри Јовевски, кој е еден од најнаградуваните наставници во земјава, вели дека сме сведоци на образовни реформи кои се случуваат често и се наметнати.
„Наместо новините да се обмислени и креирани од самите наставници, нив ги донесуваат луѓе кои се многу години наназад излезени од училниците и не ги знаат реалните потреби во образованието за 21 век“, вели Јовевски кој раскажува дека во денешно време нималку не е лесно да се биде наставник затоа што, како што вели, на сегашните генерации, кои се родиле и растат со смарт технологијата, многу тешко е да им се задржи вниманието и да се биде интересен наставник.
„Децата во училницата не се доволно активни, концентрацијата за работа им е на ниско ниво и самите признаваат дека не им се оди на училиште. За ефективен воспитно-образовен процес наставникот треба да биде двигател на промените“, вели Јовевски.
Тој акцентот го става на улогата на наставникот кој со својата квалитетна работа индиректно треба да биде двигателот на промените во едно општество, но се чини дека за да понуди добра настава, интересен пристап и да го исполни училишниот час со хармонија и знаења треба да има поволни услови за тоа, а во голема мера за тоа влијаат и политичките, економските и социјалните околности.
„Тешко е да се биде креативен наставник ако си преоптоварен со секојдневни проблеми како што се недостаток и недоволен број на учебници, хигиената во училиштата, безбедно опкружување во училиштето и превоз на учениците. Тука се вклучуваат и нарушените меѓучовечки односи помеѓу сите субјекти, наставниците, учениците, родителите и останатите вработени во образовните институции, предизвикани од општествено-политичките, социјалните и економските проблеми. Клучен проблем е преобемната административна работа и постојаното ширење на програмите во кои се додаваат содржини, а непотребното и застареното не се одзема. На тој начин се губи фокусот од потребите на ученикот за соодветно образование во општество во кое би го вградил своето знаење и би влијаел во негово подобрување“, појаснува Јовевски.
И Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Маргини“ смета дека на макеоднското образование му е потребна реформа со една единствена цел, истото да продуцира емпатични генерации.
„На нашето образование потребна му е темелна, суштинска реформа, особено во насока на апсолутно почитување на принципот на споделување на научни вистини, односно трансфер на знаења кои се базирани на докази и факти и создавање на критички настроени индивидуи без чие постоење не може да се замисли едно демократско општество“, вели Цветковиќ.
Таа додава дека образованието не е индивидуално право на секој човек (иако и тоа е), туку колективно добро.
„Низ образовниот процес ние имаме обврска да создадеме генерации кои сочувствуваат и ги разбираат „другите“, „различните“, односно тој процес мора да обезбеди контекст во кој младите ќе ја практикуваат сопствената слобода. Во таа насока, образованието нема за цел единствено да создаде идни работници со развиени професионални вештини, туку да создава Луѓе во вистинска смисла на зборот, или со други зборови образованието не е насочено единствено кон создавање корисна работна сила (небаре роботи) туку развивање способност кај учениците за поврзување на разумот и слободата, етиката и знаењето, образованието и општествените промени“, смета Цветковиќ.
Дека темелите на секое здраво општество се поставуват во образованието, тоа сите го знаеме и дека квалитетен наставник е оној кој со своето делување и работа покажува компетенции за промена во општеството, но по се изгледа не е доволно слепото следење на современите трендови на глобалното образование. Потребно е да се работи и на социјалниот и економскиот статус на наставникот, барем за неколку нивоа повисоко и потребни се реформи кои од нашето образование ќе направат ЛУЃЕ со знаење и слобода кои ќе успеат да ги елиминираат сите тежини кои ни ги носи денешниот политички, економски и социјален хаос.
Превземено од МКД.мк, Автор на текстот Х.С.