Примената на технологијата во наставата на иновативен начин помага просветните работници да бидат двигатели на прогресот во општеството
27/11/2020Средби на претседателот Пендаровски со истакнати поединци во Крива Паланка во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“
21/02/2021Зад вас е повеќе од дведецениска богата и плодна кариера. Работа во рурални средини со услови далеку од пристојните, постојани предизвици со административните обврски на секој еден наставник…и сега најновото поинакви услови за образование предизвикани од пандемијата. Сепак, кога би можеле во една реченица да сублимирате: што ви е подраго – витрината со признанија и награди во вашата досегашна кариера или тоа што сите генерации ученици кои излегле од вашата училница во општеството ги гледаат со поинакви очи, па често знаат да кажат „Овие деца се од кај учителот Добри“? Привилегија или дополнителен товар е токму ваквото сфаќање?
– Признанијата се плод на посветена работа. Како резултат на несебичното залагање во областа на образованието, трудејќи се да им ги отворам хоризонтите на животот на децата, во исто време професионално надградувајќи се, ги отворав и моите хоризонти, кои ме водеа до успесите и резултатите постигнати во мојата работа. Секако дека признанијата и наградите што ги имам добиено ми се драги, секоја има особено значење и буди убави емоции, а се разбира има и посебно место во витрината.
Особено сум горд и среќен кога ќе се видам со моите ученици, ќе споделиме сеќавања од моментите кои заеднички сме ги минувале во училиштето при образованието и воспитувањето. Ја чвуствувам нивната самодоверба и изградените ставови за нивната важност како чинители на општеството во кое живееме. Во голем дел, тоа е резултат на основните знаење и вештини кои ги имаат добиено на почетоците во описменувањето, техниките за учење, градењето на особините на личноста како што се одговорност, педантност, дружење и трудољубивост. Се разбира, за мене е привилегија и чест да продолжам да се посветувам на професијата учител, давајќи уште поголем придонес за новите генерации, каде претстојат големи предизвици.
Повеќето ваши колеги се на ставот дека во услови на вакви општествени вредности мотивацијата е „далечна“ и отежната. Колку често се разочарувате, дали можеби од учениците, родителите, системот… Против што најгласно се бунтувате? Или сепак не е се така црно и сите ние сме тие кои треба да се бориме до крај за нашите деца, нашата иднина?
– Учителите ги поставуваат темелите за развојот на општеството. И покрај сите предизвици со кои се сретнуваат, наставниците длабоко веруваат во моќта на образованието. Учителот е тој што ја трасира патеката на животот, го препознава и го буди талентот кај учениците. Добрите учители ќе те научат дека си важен, дека работите зависат од тебе и дека можеш да правиш промени. Сметам дека една од најважните задачи на образованието е да ги поттикне емоциите кај учениците. Така создаваме желба кај учениците за откривање нови знаења, им пружаме искуства што долго ќе ги паметат.
Улогата на наставниците во споредба со нивниот статус е на ниско ниво и воопшто не делува мотивирачки. Ваквата моја перцепција секако се должи на многу фактори кои се вклучени за да ја имам глобалната слика за наставникот и така да се чувствувам. Наставниците материјално не се доволно мотивирани, а сепак од нивниот скромен буџет многу често ги покриваат трошоците за неопходниот дидактички материјал за подучување. При учењето на далечина потребни се компјутери и техничка поддршка, која во моментот не е на потребното ниво. Исто така, сведоци сме дека сѐ уште има менаџери на училиштата кои немат доволно познавање за компјутерски вештини, ниту познавања од некој странски јазик што доведува до намален квалитет на целокупниот процес во образованието. За разлика од недостатоците кои се реалност, од друга страна имаме наставници кои си ја сакат професијата, ја работат со љубов, самоиницијативно вложуваат во својот професионален развој и несебнично ги образоваат идните генерации.
Јавноста веќе е презаситена од она што е најактуелно во моментов, по здравјето се разбира, а тоа е образованието во услови на пандемија. Ставовите се поделени. Според Вас дали пандемијата ќе ни ги остави децата неписмени или пак сте повеќе за она оптимистичко сценарио дека светот се движи во технолошки прогрес и ние ќе успееме да го фатиме тој правец?
– Наставата на далечина бара посложена организација од страна на наставникот. Тешкотии има во задржување на вниманието и концентрацијата кај учениците, особено кај учениците од помала возраст чии родители не се дома за да им помогнат. Неуспешното активирање и функционирање на националната платформа за учење на далечина ги збуни наставниците, учениците и родителите.
Според мое мислење најдобар начин за успешно реализирање на наставата е со физичко присуство на учениците каде се воспоставува реална комуникација во подучувањето и учењето. Практичните примери, инструкциите и потребната помош се многу важни за успешна едукација на децата. Кога физички го гледаме ученикот, според неговата реакција можеме да го поттикнеме на активност и така да има успешно остварување на целите од часот, особено оние кои се поврзани со индивидуалниот пристап во подучување на секој ученик. Има ученици кои се интровертни и нивното учеството на часовите во голема мера зависи од умешноста на наставникот да го заинтересира за учење, како и од интеракцијата со другите ученици. Овој сегмент не може да се вметне во он-лајн учењето зошто интуицијата на сите учесници не доаѓа до израз. Секако учењето на далечина е сѐ уште на почеток и резултатите ќе ги видиме во иднина. Длабоко се надевам дека оваа криза бргу ќе заврши за да се вратат учениците во школските клупи.
Прашањето кое е болно и поразително за нашето општество. Децата од руралните средини, поточно нивните родители и ние како нивни сограѓани, на некој начин сме за прв пат толку силно соочени со суровата реалност дека образованието стана привилегија за оние кои можат да си дозволат брз компјутер и интернет, наместо право подеднакво достапно за сите без оглед на класата и статусот. Хуманитарците се со полни раце работа изминативе месеци! Кој е вашиот став?
– Користењето на технологијата денес не е избор туку потреба. Проектот „Компјутер за секое дете“ имаше огромна пресвртница во процесот на учење кај учениците и кај наставниците. Пред пандемијата голем дел од таа компјутерска техника беше собрана од училниците и депонирана во подрумите на училиштата, за да денес се земаат тие компјутери и се адаптираат за потребите во наставата. Уште еден показател дека „не треба да го затрупуваме стариот бунар додека не ископаме нов“. На почетокот од учебната година училиштата технички не беа подготвени за ваков тип на настава. Исто така, семејствата на учениците финансиски не се подготвени да одговорат на овој предизвик. Секое дете треба подеднакво да ги ужива сите права, вклучувајќи го и правото на образование. Досега немам информација дека во Крива Паланка има ученици кои имаат добиено донација во техничка опрема за следење на онлајн настава. Ги потсетувам училиштата, локалната самоуправа и општествено одговорните компании да преземат иницијатива за обезбедување на компјутери и интернет за секое дете на кое му е потребно.
Работите во Крива Паланка – град каде повеќето ученици се воспитувани од еден родител бидејќи другиот родител ја обезбедува егзистенцијата на работа во странство, но од друга страна капитализмот си го направи своето и има многу семејства каде двајцата родители обезбедуваат егзистенција со работа во приватен сектор со работно време од по 10 и повеќе часа. Колку на едно дете, ученик, му се потребни двајцата родители за воспитување? Ве прашувам како учител, но и како родител?
– Улогата на родителите во процесот на воспитување и поддршката на детето е од исклучителна важност. Со заемна поддршка и надополнување родителите обезбедуваат здрава семејна средина за развој на децата, а тоа подразбира дека резултатите ќе бидат на задоволително ниво. Животниот пат е процес и секако дека во текот на целиот живот се надградува и се учи, но градењето на основните вредности кај личноста на детето доаѓа од семејството. Општеството е тоа кое треба да обезбеди поволни услови за егзистенција на секое семејство за да не мора некој од родителите да заминува во странство.
Каков е Добри Јовевски приватно? Како ги минувате викендите, одморите? Што ви дава најмногу енергија и позитива за нови предизвици?
– Одморот и рекреацијата според мене се подеднакво важни како и професијата и работата. Слободното време го минувам со семејството, а со пријателите секогаш кога сум во можност. Во моменти на вакво здравствено опкружување деновите повеќе ги минувам во домашни услови. Ги следам општествените случувања, но сакам и добар филм и возбудлива книга. Возењето велосипед ми е омилен спорт и се надевам дека давам позитивен пример на младите околу мене за здрав животен стил, но и она што е особено актуелно – грижата за животната средина, но не само декларативно, туку и со личен скромен пример. Мојата филозофија на животот е дека упорноста е патот за секој успех. Упорноста како епитет не секогаш е вродена. Понекогаш е потребно да се тренира, за да се усвои, но токму тогаш кога посветено и целосно ќе се вложиме во некоја цел, резултатот е многу подраг, посуштински… Сите заедно да се потрудиме, ова парче земја заслужува да го дадеме својот придонес за прогрес кој верувам дека ќе ни се исплати кога ќе ги видиме идните генерации пред сѐ здрави, и физички и ментално, среќни, успешни и исполнети, и приватно и професионално и репрезент во светот на нашата земја.
Јовевски во својот долгогодишен работен ангажман како одделенски наставник има добиено многу награди и признанија за својата работа. Неодминливи се оние со кои се закитил за примената на технологијата во наставата на иновативен начин и тоа на европско и светско ниво. Но, интервјуто со „наставникот од иднината“, наместо со набројување на неговите награди што ќе зафати обемен простор, ќе го заокружиме со сознанието дека Јовевски освен професионалец е и голем хуманист. Иако не сака отворено да зборува за своите филантропски потези, дознаваме дека оваа учебна година донирал таблет-компјутери за ученици од социјален ризик, редовно донира храна и покуќнина, а на едно семејство од кривопаланечко пред неколку години им обезбедил и „покрив над глава“. Како одговор на нашите прашања, дали ова е точно, упати апел за да се потрудиме сите заедно, колку можеме и умееме, да обезбедиме технички уреди за уште неколку ученици во кои гледа потенцијал, но за жал, општеството е неправедно кон нив. Хуманоста нека биде тивка и интимна, а прогресот во образованието гласен, вели Јовевски.