Кога зборуваме за настава на далечина можеби никогаш не ги земаме предвид учениците од руралните средини
27/04/2020Со дотраен училиштен компјутер реализирам настава, вели наградениот наставник Добри Јовевски од Крива Паланка
27/11/2020Виртуелна училница секој ден, модел на учење што инспирира и влева надеж дека децата сепак се „во ритам” со новите диригирани образовни текови на кои нè принуди пандемијата.
Еден час во виртуелната училница на наставникот Добри Јовевски и учениците од 4-то одделение од кривопаланечкото основно училиште „Илинден” е доволен за да ги почувствувате леснотијата и убавината на онлајн учењето, од една страна, како модел што функционира и се реализира непречено, дури и за време на викендот, кога во нормални услови всушност не се одвива редовна настава, но од друга страна, не можете а да не се запрашате, помислувајќи на сите оние ученици што не се доволно технички обучени ниту, пак, нивните родители, за да го реализираат сето тоа.
И уште повеќе, да воочите дека и не е едноставно ниту, пак, така јасно за сите дечиња, но и родители, како да се вклопите во нешто ново како настава од далечина, она што е единствен начин да не запре воспитно-образовниот процес во вонредна состојба на пандемија и запрена настава, која, најверојатно, до крајот на учебната 2019/2020 ќе мора да се спроведува единствено на овој начин, преку интернет.
Ова го говорам воочувајќи колку е важно да се биде најпрвин опремен, а потоа и „технички” описменет за да може да се следи настава денес, кога наставата се одвива исклучиво од далечина. Тоа е предизвик, а некаде и препрека, зависно од семејство до семејство, во однос на тоа која е возраста на родителите, колку се тие технички спремни доколку детето не е во можност да ги следи и реализира препораките и насоките од наставникот/учителот, колку и каква е покриеноста со интернет во домот на детето, дали има воопшто компјутер на располагање, а не пак интернет, со оглед на тоа што во некои семејства од социјален ризик едвај можат да им се овозможат на децата основнитe услови, а не пак технолошки да бидат опремени, а и да не заборавиме дека доколку во некое семејство имa две или повеќе деца што треба да следат онлајн настава, а има само еден компјутер, исто така, е проблем, бидејќи често се поклопува времето кога се одвива таа настава.
Во разговор со родителите на дечињата, првото нешто што го посочуваат е дека во ваква вонредна состојба најважно е што децата имаат барем некаков ангажман, но родителите тука се многу повеќе оптоварени, а не се тие наставници, ниту учители, само родители.
Лилјана Додевска е мајка на две деца, едното ученик во четврто одделение, другото гимназијалец во прва наставна година.
– Велам дека не е лесно, ни малку, бидејќи на почетокот за да се вклучи мојот помал син Матеј за онлајн настава со учителот Добри Јовевски, а тоа веќе трае дваесетина дена, за инсталација на програмата Зум, за среќа, ни помогна повозрасниот син, па сега лесно, едноставно и самостојно се вклучува. И ангажманот што го има е одличен, секој ден двапати се вклучуваат, секогаш во точно одредено време, во десет часот наутро, кога наставникот им ги предава наставните единици, динамично е, се дискутира за сè што не е јасно, а потоа добиваат домашни задачи, кои во текот на денот ги изработуваат и се вклучуваат повторно, попладне, околу 17 или 18 часот, кога ги покажуваат сработените задачи и се договараат за следниот ден. Ова е одличен начин децата да останат во тек, но не е долгорочно решение, вели Додевска.
Според неа, засега е добро, и средношколецот добива часови и задачи, па постојано се активни, се исполнува добар дел од времето, но она што е проблем, вели, е што се поклопуваат со термините.
Бобан Стојчевски е родител на Теона, ученичка во четврто одделение исто така кај учителот Јовевски, и на средношколка, која е втора година медицинска струка во Скопје.
– Велам, многу е добро децата да се ангажирани сега, во овој период на изолација, но тешко е, зашто изискува и средства. На пример, за да се поврземе на почетокот моравме да купиме камера, слушалки, бидејќи редовно не ги користиме и сега морав да купувам и да бидам изложен на трошоци, а да не зборувам дека има деца што немаат ни компјутер. И што да кажам, овде во случај со помалото дете, првите денови да не бев јас, со инструкции од наставникот, немаше да успееме да бидеме во тек со наставата. Друго, би кажал дека убав е начинот како се сретнуваат на интернет децата и се радосни што си прават муабет. Прво, пред да почне часот, учителот ги остава по десетина минути, како на одмор, вклучени, си разменуваат разговор
и, а после тој доаѓа, ги поздравува и часот почнува. Интересно им е на децата, но многу е различно и необично, вели Стојчевски.
Тој посочува дека компјутерот, само еден, на двете деца им е потребен, а да не говориме дека поголемата ќерка учи медицина.
– Материјалот за медицина е обемен, ќерка ми со часови следи онлајн настава, па потоа работи, истражува, подготвува. Компјутерот, нешто од што сакавме да ги одвикнеме децата, сега е нивна главна локација. Кај нас се вклучува наутро, а се гаси доцна навечер, додава Стојчевски.
Јас, пак, како мајка на деца од предучилишна возраст, кои наесен треба да бидат првоодделенци, би сакала да истакнам дека она што кај децата недостига дома и не може да се надомести се редот, дисциплината и редоследот на правовремено реализирање на тековните задолженија, бидејќи кога се во воспитно-образовна институција имаат точно определена рутина, време и распоред на ангажмани, кои се дозирани во мера и временски периоди адекватни за возраста на децата. Тоа, колку и да се обидеме дома да го имитираме, доловиме или барем импровизирачки да го достигнеме, не сме ниту во можност ниту, пак, тоа е целта, би рекла, од име на родител на две дечиња, близнаци, кои се на иста возраст, сега ги совладуваат основите на пишувањето, букви и бројки. Токму сега го согледувам комодитетот што секој родител чиишто деца се во системот на воспитно-образовен процес го има на сметка на стручноста и работењето на наставниците, учителите, воспитувачите, на кои, без лажна скромност, им симнувам капа, бидејќи секој дома со сопствените деца умее колку што може да им асистира, но не и да ги едуцира.
Присуствував, од љубопитство, но и за да добијам јасна слика, на еден час во виртуелната училница на наставникот Јовевски. Темата на часот беше од предметот Природни науки: мускули и скелет, а децата на интересен начин проследија час за запознавање со темата. Како гостинка на часот во исто време бев вклучена со учениците и имав можност да бидам и јас дел од светот на децата, кои насмеани и со елан очекуваа што следно ќе можат да осознаат од наставата. Велат дека сега им е многу интересно зашто е ова модерно. Според нив, иако не им било лесно на почетокот, едни немале звук, не се снашле со камерата, други со слушалките, но сега сите работат и со нетрпение го очекуваат терминот од денот во кој треба да се на час.
– Јас мислам дека некако многу се задоцнети мерките на МОН. Ќе има обука, бесплатна за мајкрософт-алатки за реализација на онлајн настава, но досега ученците беа во бунило. Некои колеги, со сета должна почит кон нив, се трудат на секој можен начин да ги одржат наставните единици, но би кажал, не сме координирани, не бевме подготвени, во оваа ера на технологии, за едно вакво, по мене, нешто што можеше лесно и досега координирано да се спроведе. Јас работам со учениците и за време на викенд, зашто испуштија многу и тие го следат тој ритам, рече наставникот Добри Јовевски до ООУ „Илинден”.
И во сета оваа констелација на работите, кога во основните и средните училишта ќе се спроведе бесплатна обука за мајкрософт-алатки за наставниците, се наметнува и прашањето каде се тука и колку може да се вклопат, дали може да се реализира настава за учениците со посебни образовни потреби.
Во Крива Паланка општината преку УНДП и МТСП спроведува проект за ангажирање образовни асистенти за овие дечиња, кои сега, по консултација со општинската координаторка Елена Христовска и со директорите на училиштата, се во координација и комуникација со родителите и наставниците, но како што се одвива ситуацијата, нивниот ангажман, наместо до крајот на учебната 2019/2020, ќе заврши порано.
Марина Ристовска е мајка на дете со аутизам, Милан, кој посетува редовна настава во ООУ „Јоким Крчовски”, каде што таа воедно работи и како одделенски наставник. Вели, Милан работи по индивидуална образовна програма, ИОП, која за среќа што таа е учителка, па му ја пренесува, го едуцира и сега, дома, во изолација, во која сите сме принудени да живееме.
– Јас сум во состојба на едукатор, наставник, во повеќе сегменти: најпрво работам со моите ученици, потоа работам со Милан, кој работи индивидуална програма и воопшто не ми е проблем, се навикнав, всушност, маката ќе ве научи на сè, па јас тоа го правам постојано, иако Милан посетува редовна настава. Воедно, мора да кажам дека не е лесно за родителите, бидејќи јас имам две внуки од мојот брат, на кои исто така им помагам да ги сработат задачите што им се потребни за да ја совладаат материјата. Така што буквално од утро до вечер периодов сум ангажирана за да помогнам, но тоа, колку што исцрпува, толку и ме прави среќна. Среќна сум што можам да ги усреќам најмилите, останатите. И не ми е тешко, но не е ниту лесно, ама велам, задоволство ми е да помагам, рече Марина.
Деновиве околу 1 200 наставници и професори ќе добијат бесплатна онлајн едукација за користење алатки за реализација на наставата од далечина. Ова ќе го спроведе Семос едукација во координација со МОН.
Дотогаш Јовевски само алармира дека досега, освен како учител, како родител на дете од погорните одделенија, мисли дека децата биле дезориентирани, а тоа може да биде и демотивирачки.
– Еден наставник праќа на „Вибер“, по друг предмет на „Месинџер“, третиот работи во „Зум“, а четвртиот бара во „Кластроом“ да работат. Некоординираноста и нејасните насоки веќе започнаа да излегуваат на виделина. Мора да има јасни и прецизни насоки од МОН и училиштата, за желбата за учење кај децата напросто не се губи во овој хаос. Мора да се дејствува мотивирачки, не деструктивно и дезориентирачки, вели Јовевски.
По ова природно се наметнува и реактуализира темата „компјутер за секое дете”, што сега повеќе од кога било е потребно како модел, и за одвивање на наставата и за следење, но и за реализација на сè што е потребно во образованието, денес, утре, задутре…
Пред нешто повеќе од една деценија Министерството за образование и наука го реализира можеби и најголемиот инвестициски проект во образованието „Компјутер за секое дете”, кога беа обезбедени околу 18 000 компјутери за училиштата, за што беа вложени околу 2 милиони евра, но со текот на времето нивната употреба и потреба во секојдневната настава не ја покажаа целеисходноста на овој габаритен проект. Како и да е, ако 2019 година во најголем дел од училиштата во државата компјутерите беа целосно отстранети од училниците или во поголемиот дел од нив беа исфрлени од употреба, никој не можеше да претпостави дека за неполна година, веќе во март 2020 година, ќе биде потребно секое дете што посетува настава во училиштата, основни и средни во Република Северна Македонија, ќе има потреба од компјутер, сега не во училниците во училиштата, туку во оние, виртуелните, во домовите за да посетуваат онлајн настава.
Интервјуто е направено за МИА со новинарката Ирена Белешковска